Новоизградените станови и следната година ќе се оданочуваат со намалената стапка на ДДВ од 5 отсто, најави вчера извршниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката (АД СДП), Цветко Грозданов. Важноста на Законот со кој пред две години стапката на овој данок за новоградбите се намали од 18 на 5 отсто истекува до крајот на годинава. Грозданов вели дека одлуката за негово продолжување се уште не е донесена, но Владата има таква намера. Новината што ја најавува Грозданов е и можноста комерцијалните станови што ги гради ова АД веќе да не се продаваат на лицитација, туку непосредно, на ист начин како приватните градежни фирми. Од Министерството за транспорт и врски и од Владата ќе побараме да се направат измени во начинот на продажба на становите што ги градиме со комерцијална намена, бидејќи нашето искуство покажува дека за нив најзаинтересирани се нашите иселеници во странство.
Новоизградените станови и следната година ќе се оданочуваат со намалената стапка на ДДВ од 5 отсто, најави вчера извршниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката (АД СДП), Цветко Грозданов.
Важноста на Законот со кој пред две години стапката на овој данок за новоградбите се намали од 18 на 5 отсто истекува до крајот на годинава. Грозданов вели дека одлуката за негово продолжување се уште не е донесена, но Владата има таква намера.
Новината што ја најавува Грозданов е и можноста комерцијалните станови што ги гради ова АД веќе да не се продаваат на лицитација, туку непосредно, на ист начин како приватните градежни фирми.
- Од Министерството за транспорт и врски и од Владата ќе побараме да се направат измени во начинот на продажба на становите што ги градиме со комерцијална намена, бидејќи нашето искуство покажува дека за нив најзаинтересирани се нашите иселеници во странство. Тие доаѓаат во земјата во определен период, за време на летните одмори и за божиќните празници, и поради тоа не се во можност да учествуваат на лицитациите - објаснува Грозданов.
Тој информира дека добивката од продажбата на овие станови, која се движи меѓу пет и 10 отсто ќе се користи за градење објекти во кои ќе се сместуваат социјално загрозените граѓани и самохраните родители. Колку пари се собрани од досегашните продажби ќе покаже завршната сметка на претпријатието, која се прави во февруари, но овие станови се со пониски цени од тие што ги продаваат приватни фирми. Според Грозданов цената на квадратот во зависност од градот и делот на градот во кој се изградени се движи од 488 до 850 евра без ДДВ, но заедно со станот мора да се купи и подземна гаража чија цена ќе биде пониска од онаа на приватните фирми. Вакви станови во моментов се градат на неколку локации во Скопје и во Битола, а најновата е почната кај Радио бран" во Скопје. Исто така, во иднина претпријатието планира да гради и комерцијални индивидуални куќи за домување, зашто се покажало дека за разлика од Скопје, во внатрешноста интересот на клиентите е насочен кон такви објекти. Комерцијалните згради ќе се градат и на државно и на земјиште купено од приватници.
АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, најавува Грозданов, ќе поведе акција за преземање на објектите на просторите на поранешна СФРЈ, кои се во сопственост на нашата држава, но нема доказ за тоа.
- Сега не можам да кажам колку такви објекти има, но можам да кажам дека Македонија била многу богата. Скоро секој ден откриваме некој нов таков објект. Утврдивме дека во процесот на приватизацијата што се спроведуваше во земјата некои од тие објекти директорите не ги пријавиле, за да ја намалат вредноста на фирмата и да ја купат поевтино. Планираме преку тендер да ангажираме адвокатско друштво кое ќе ја турка оваа работа, се додека тие објекти не се внесат во катастрите како наша сопственост. Ќе има и судски процеси. Мислам дека најтешко ќе оди со преземањето на просторот кој во меѓувреме бил доделен на заслужни граѓани, како на пример во центарот на Приштина - објаснува Грозданов.
Исто така, на корисниците на простор за кој е утврдено дека е сопственост на Република Македонија им се испраќаат писма и им се укажува дека ќе следи процес преку кој тие објекти треба да бидат преземени.
Грозданов информира дека за шест месеци, колку што тој е директор на станбеното АД, приходите се зголемиле за 14 насто преку подобро собирање на закупнината за становите и зголемено издавање на деловниот простор. Расходите се намалиле, при што на гориво е потрошено 40 отсто помалку, за резервни делови се потрошени 45 отсто помалку пари, а трошоците за репрезентација се намалени за 3.000.000 денари. (С.Ву.)
Арената "Филип Втори" готова до крајот на март
Најдоцна до крајот на март идната година треба да завршат градежните работи на арената "Филип Втори" и терените да бидат во употреба. Работите, според Грозданов, се одвиваат со предвидената динамика, а веднаш по ова, ќе почне третата фаза од реконструкцијата, со која до крајот на наредната или почетокот на 2013 година ќе се изведе и фасадното обликување на Арената.
По завршувањето на работите, просторот под источната, западната и северната трибина ќе се даде под закуп.
Диво вселени 620 државни станови
Околу 620 поранешни општествени, сега државни станови се диво вселени. Нивните станари се јавуваат во станбеното АД и бараат да ја преземе сопственоста, за потоа тие да можат да ги откупат.
Понуда да ги откупат или да плаќаат комерцијална кирија ќе добијат и корисниците на станови за социјално загрозени граѓани. Во соработка со Светска банка, АД ваква понуда ќе им даде на граѓаните кои добиле социјални станови, а во меѓувреме се вработиле и им се подобрил социјалниот статус. Овој проект предвидува на секои десет продадени социјални станови да се изградат 10 нови наменети за најранливата група граѓани.